20/08/2026
КАДЕ НИ Е ЧОВЕЧНОСТА?
За емпатијата, различноста и присуството.
Сите сакаме да веруваме дека сме добри луѓе. Но човечноста можеби не се мери во она што го мислиме за себе, туку во средбата со другиот.
Со човекот што е различен од нас.
Со детето кое бара повеќе разбирање.
Со стариот човек кој останал сам.
Со оној кому му треба помош токму кога нам не ни е згодно да помогнеме.
Тогаш доаѓаат потешките прашања:
Дали емпатијата се учи?
Кого денес најлесно го правиме невидлив?
Можеме ли да сочувствуваме, а да не направиме ништо?
Што му должиме на другиот?
И може ли да има човечност без присуство?
На 25 август, во новата „Свесност Live Session“, овие прашања ќе ги отвориме со тројца гости кои до човекот стигнуваат од различни страни:
Д-р Лилјана Ристевска — претседателка на Црвениот крст на Македонија за мандатниот период 2026–2030 и претседателка на ОО Црвен крст Битола од 2017 година.
Со неа ќе зборуваме за човечноста претворена во дело — солидарноста, волонтерството и луѓето кои често остануваат невидливи.
Пеце Трифуновски — доктор по социјална филозофија, наставник по етика и граѓанско образование, автор и борец за работничките и детските права.
Со него ќе зборуваме за човечноста како морална обврска, за вредностите и за моментите кога нашите принципи треба да ги провериме во реалниот живот.
Андријана Шокларовска — дефектолог со 15-годишно искуство во основното образование и магистер по образование и рехабилитација на деца со оштетен слух.
Со неа ќе зборуваме за различноста во секојдневието, за прифаќањето, училиштето и за тоа колку рано треба да почнеме да ја учиме емпатијата.
Разговорот го води Љупчо Кимовски — лиценциран психолог, магистер на психолошки науки и гешталт психотерапевт.
Овојпат нема да се обидуваме да ја дефинираме емпатијата.
Повеќе нè интересира што правиме со неа.
📍 25 август | 18:00
Училница, Битола
Свесност Live Session
КАДЕ НИ Е ЧОВЕЧНОСТА?
Можеби одговорот не е во тоа што чувствуваме, туку во тоа кого гледаме, покрај кого остануваме и што правиме кога некому сме потребни.