20/07/2026
Седнав на подот. Повторно.
Првиот пат кога се обидов да медитирам, траеше три минути. Три минути во кои мислите ми летаа како разјапени страчки. Телефонот вибрираше, зад мене некој пушташе музика, а јас се прашував – што правам? Седев на подот како дете кое чека нешто да се случи. Ништо не се случи. Станав.
Тоа беше пред години. Пред да сфатам дека тишината не е празнина.
Сè започна кога престанав да барам нешто да се случи, кога престанав да очекувам. Еден ден, едноставно седнав и дишев. Само тоа, вдишување - издишување, ништо повеќе. И тогаш, во тоа „ништо“, почна да се случува сè.
Свесното дишење беше мојот мост, мојата порта. Кога првпат свесно го издолжив издишувањето, нешто во мене се отвори, како да отклучив врата за која не знаев дека постои. Дишењето стана мојот јазик со телото. Секој вдиш – прашање. Секој издиш – одговор.
Кога ми треба да се најдам,
има едно место во планината каде што одам, таму нема интернет, нема асфалт, има само борови, и тишина што те обвива како ќебе. Последниот пат, седнав на една карпа, под мене – мов, над мене – небо, пред мене – ништо и сè.
Тогаш сфатив нешто.
Цело време бегав од себе. Се полнев со обврски, луѓе, екрани, звуци. Секоја празнина ја пополнував со нешто, за да не останам сам со себе, за да не се слушнам. Затоа што да се слушнеш себеси е најстрашното нешто, таму се отвораат рани за кои мислиш дека се зараснати. Таму излегуваат прашања на кои немаш одговори. Таму плачеш без причина.
Но токму таму, во тоа, се случува самоспознанието.
Не доаѓа преку книги, предавања, мотивациони говори. Доаѓа кога ќе седнеш на карпа, или на перниче, или на кревет, и ќе кажеш: „Еве ме. Сите маски паѓаат. Само јас, само тишина.“ И тогаш почнуваш да се среќаваш. Прво со болката, потоа со стравот. Потоа, ако истраеш, со она што е под нив. Со оној дел од тебе кој отсекогаш знаел кој си, ама никогаш не добил збор.
Дисциплината за мене беше најтешкиот дел. Не затоа што сум мрзелив, туку затоа што дисциплината звучи како казна, како војска, како правила, како ограничување. Но со години сфатив дека вистинската дисциплина нема врска со тоа. Вистинската дисциплина е љубов. Секој ден да седнеш на подот и да дишеш, иако никој не те гледа, да одиш во планина иако врне. Секогаш кога ќе залуташ, да избереш да се вратиш кај себе.
Дисциплината ми покажа дека не сум роб на импулсите. Дека можам да одберам. Дека можам да кажам „не“ на бучавата и „да“ на себе.
Самољубие!?
Овој збор беше најпогрешно разбран во мојот живот. Мислев дека самољубието е себичност. Дека е нарцисоидност, дека е да се сакаш себеси повеќе од другите. Но тишината ме научи поинаку.
Самољубието е да седнеш со себе и да не бегаш. Да ги видиш своите сенки и да не се плашиш. Да си простиш. Да си го дадеш она што на другите редовно им го даваш – внимание, трпение, нежност.
Кога првпат се погледнав во огледало по една долга медитација, видов нешто ново. Не станува збор за физички изглед. Видов присуство. Видов некој кој истрајал, кој се вратил, кој не се откажал. И почнаа солзи. Не од тага, од благодарност, кон себе.
Природата ми беше учителка. Дрвото не се напнува да биде дрво. Реката не размислува како да тече. Планината не се споредува со друга планина. Тие едноставно се. И во тоа „едноставно се“ лежи целата мудрост.
Јас, пак, цело време се напнував. Сакав да бидам подобар, попаметен, поуспешен, посакан. А природата ми шепнуваше: „Веќе си. Тоа е доволно.“
Сега, кога чувствувам дека се губам себеси, излегувам надвор. Бос на земја, рака на стебло, лице кон сонце, и дишам. Вдишувам – примам. Издишувам – пуштам. Како дрвото. Како реката.
Внатрешниот мир не дојде одеднаш, не дојде како експлозија. Дојде како тишина што полека се населува. Еден ден сфатив дека не сум се налутил на сообраќајот. Еден ден сфатив дека не ми треба потврда од другите. Еден ден сфатив дека можам да бидам сам и да не се чувствувам осамен.
Тој мир не значи дека нема бури внатре. Има. Но сега има и центар. Нешто што не се тресе. Некој дел од мене што е непоколеблив, како длабочината на океанот – површината може да беснее, но длабочината е мирна.
Денес, кога седнувам на подот, не барам ништо. Не чекам ништо. Само дишам. Само сум. Понекогаш пет минути, понекогаш час. Понекогаш само три вдишувања додека чекам кафе.
И во тие моменти, го чувствувам она што тука го опишувам: тишината што не лаже. Таа е мојот најверен пријател. Таа ме слуша кога никој не слуша. Таа ме држи кога сè се распаѓа. Таа ми го покажува патот кон себе.
Не знам каде води овој пат, не знам што носи утре, но знам едно – се додека имам тишина внатре, имам дом, и од тој дом, можам да пораснам во се што сакам.
Ако денес седнеш на подот, само на три минути, само да дишеш – тоа е доволно. Тоа е првиот чекор кон себе. Не барај ништо. Не очекувај ништо. Само биди.
Твојата тишина те чека. Таа отсекогаш била тука. Само што никогаш не си застанал доволно долго за да ја слушнеш.
Седни. Диши. Слушни се.
Добредојде дома. 🌞