23/06/2026
🌍🤝 Дом Софија на вториот транснационален состанок на проектот ACTS во Грац, Австрија
На 11 јуни 2026 година, нашата претставничка проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска учествуваше на вториот транснационален состанок на Erasmus+ проектот ACTS – Active Seniors: Volunteering, Well-being & Lifelong Engagement, кој се одржа во Грац, Австрија.
Заедно со партнерите од Чешка и Австрија ги разгледавме досегашните резултати од проектот и ги планиравме следните активности насочени кон активно стареење, волонтерство, меѓугенерациска соработка и подобрување на благосостојбата на постарите лица.
Особена чест ни претставува што Дом Софија е лидер на Работниот пакет 3 (WP3) посветен на волонтерството и креативниот ангажман на постарите лица. На состанокот го презентиравме нашиот пример на добра практика „Чувајќи ги традициите, создаваме насмевки“, преку кој активни сениори од Битола подготвија книга со заборавени детски народни песни и ја претставија пред децата од градинка, создавајќи вредна меѓугенерациска врска.
Состанокот беше и можност за размена на искуства и запознавање со успешни модели на активно стареење и вклучување на постарите лица во заедницата. Заеднички ја потврдивме посветеноста кон создавање повеќе можности за активен, здрав и исполнет живот во третото доба.
💙 Во Дом Софија веруваме дека староста не е период на повлекување, туку време за нови улоги, нови пријателства и значаен придонес кон заедницата.