21/08/2026
Тим од ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија на чело со директорката, проф. д-р Славица Арсова, денеска започна соработка со Дневниот центар „Гнездо“ – центар за деца и родители во социјален ризик, со цел преку заеднички активности да се придонесе кон емоционалниот и социјалниот развој на децата.
Во рамките на летниот камп се оствари првата заедничка работилница, на која децата имаа можност да се запознаат со основните емоции и да разговараат за нивното препознавање и изразување.
Посебно внимание, а и многу насмевки, предизвика нашиот Роџер 🐾, кој уште еднаш покажа колку присуството на животно може природно да создаде чувство на сигурност, блискост и доверба кај децата. Преку контактот со него, децата разговараа и за придобивките од имањето милениче, но и за одговорноста што ја носи грижата за едно живо суштество - неговите потреби, чувства и благосостојба.
Ваквите средби се особено важни бидејќи создаваат простор во кој децата можат да учат преку непосредно искуство, игра и комуникација, истовремено развивајќи социјални и емоционални вештини кои се значајни за нивното понатамошно растење и развој.
Соработката со организации и центри кои секојдневно работат со деца и семејства во социјален ризик е важен дел од заложбите на Клиниката за отворање кон заедницата, превенција и унапредување на менталното здравје уште од најрана возраст.