07/09/2026
ЕФЕКТОТ НА АУРЕОЛАТА-Кога една светла особина ќе почне да го осветлува целиот човек
Понекогаш не го гледаме човекот.Го гледаме она што прво сме го забележале кај него.Убавината. Интелигенцијата. Самодовербата. Топлината. Начинот на кој зборува. Начинот на кој нè гледа. И тогаш умот прави нешто многу интересно: од една особина создава цела приказна.
Ако е убав, веројатно е добар.Ако е интелигентна, веројатно е мудра. Ако е шармантен, веројатно е искрен. Ако е тивка, веројатно е длабока. Ако е успешен, веројатно знае што прави. И ете ја ауреолата. Една мала светлина околу една особина, која постепено почнува да го осветлува целиот лик. Психологијата го нарекува ова ефект на ауреола нашата тенденција позитивниот впечаток за една особина да го пренесеме и врз други особини за кои всушност немаме доволно информации.
Но, ако го погледнеме низ Јунговата перспектива, приказната станува уште поинтересна. Зашто ауреолата не се создава само од она што го гледаме во другиот. Таа се создава и од она што сакаме да го видиме. Колку пати сме сретнале човек и сме почувствувале: „Овој човек е поинаков.“ А сè што реално сме знаеле е дека убаво зборува. Или дека е внимателен.Или дека нè погледнал на начин што во нас разбудил нешто старо и познато.
Но ние не застануваме тука.
Несвесно почнуваме да го дополнуваме празното платно. Му припишуваме карактер. Намери. Длабочина. Добрина. Зрелост. И можеби најважното, му припишуваме она што ние копнееме да го најдеме. Тука веќе не гледаме човек. Гледаме сопствена проекција. Јунг би рекол дека дел од она што го доживуваме како „тој е таков“ можеби всушност е: „Јас така го гледам затоа што нешто во мене реагира на него.“
И токму затоа некои луѓе толку брзо нè маѓепсуваат.
Не затоа што ги познаваме. Туку затоа што во нив препознаваме нешто што нашето несвесно одамна го бара. Ауреолата може да биде прекрасна. Но може да биде и опасна. Зашто кога некому еднаш ќе му ставиме ореол, неговите недостатоци почнуваме да ги објаснуваме. „Само е уморен.“ „Не мислеше така.“ „Инаку е прекрасен човек.“ „Сигурно имал причина.“
А кога некој што сме го ставиле во спротивниот круг, во сенката ќе направи нешто добро, можеме да кажеме: „Тоа му е случајно.“ Истото однесување. Друга приказна. Само затоа што сме го смениле рамото од кое ја гледаме личноста. И тука доаѓаме до еден многу непријатен момент.
Понекогаш не сме вљубени во човекот. Вљубени сме во ауреолата околу него. Не го сакаме она што го знаеме. Го сакаме она што сме го замислиле. И кога реалноста почнува да го нарушува идеализираниот лик, не се разочаруваме само од човекот. Се разочаруваме од сопствената фантазија. Затоа некои разочарувања се толку големи. Човекот можеби никогаш не ни ветил дека е она што сме го замислиле. Но нашиот внатрешен свет му го напишал сценариото.
Ауреолата постои и во спротивна насока. Понекогаш една грешка ќе стане цел идентитет. Некој еднаш нè повредил и веќе е „лош човек“. Еден неуспех „не сум способен“. Една одбиеност „не сум доволно добар“. Еден развод „со мене нешто не е во ред“. И повторно правиме исто. Од една информација создаваме цел човек. Само што овојпат човекот сме ние самите.
Можеби зрелоста не е во тоа да престанеме да создаваме впечатоци. Тоа не е возможно.Нашиот ум постојано препознава, поврзува, претпоставува. Зрелоста можеби е во способноста да кажеме: „Ова е мојот прв впечаток. Не мора да биде целата вистина.“ Да оставиме простор човекот да биде повеќе од она што прво сме го виделе. Да оставиме простор и самите ние да бидеме повеќе од нашата најголема грешка. Зашто човекот не е ниту својот ореол. Ниту својата сенка. Тој е целиот простор меѓу нив.
А можеби вистинската задача на психолошкото созревање е токму тоа: да научиме да го гледаме човекот без да му додаваме светлина од нашите желби и без да му додаваме темнина од нашите стравови. Да гледаме. Навистина да гледаме. Без ореол. Без пресуда. Без проекција. Само човек пред нас. И човек во нас.💚