23/07/2026
📌 Како ви помага Гешталт едукацијата во вашиот професионален развој?
✍️ Примената на Гешталт, како приватно така и професионално, ми помага да бидам поприсутна и во контакт со себе дури и кога е непријатно, да ги прифаќам посвесно предизвиците како дел од секојдневието, а слабостите како дел од целината.
Мислам дека имам поголемо трпение и разбирање за себе и за другите, што ми овозможува полесна и
попродуктивна комуникација, и поголема доверба во себе и во процесот.
Гешталт ми помага поедноставно да ги освестувам моите потреби и избори, да стојам зад своите одлуки, да преземам поголема одговорност и постојано да учам и да се надоградувам. Тоа ми дава поголема самодоверба во моите комуникациски вештини, поголема сигурност во себе и свесност за своите потенцијали и вештини, што сметам дека е многу важно за себеподдршка и поддршка на другите.
📌Со кои конкретни вештини или знаења се стекнувавте за време на едукацијата?Кои од нив ги применувате во денешната пракса?
✍️ Во текот на едукацијата стекнав нови знаења и вештини со чија примена си го објаснувам, поедноставувам и збогатувам секојдневното живеење. Најдов и одговори на многу отворени прашања и теоретска потврда на некои сознанија стекнати низ разни животни искуства. Сето тоа ми помага да живеам по принципите на Гешталт, во контакт со себе и со другите и околината, посвесно, поприсутно и поодговорно, да бидам овде и сега со се што сум и што носам со себе, и со се што е, така како што е.
📌Со кои предизвици се соочувате за време на едукацијата?
✍️На почетокот, мислев дека времетраењето на едукацијата ми е најголемиот предизвик. Како предизвик ги гледав и прилагодувањето на временските рамки, групната динамика, комуникацијата со многу различни луѓе на еден поинаков начин, со многу разбирање, отвореност и прифаќање на различностите. Со текот на времето, се соочив и со некои мои стереотипи, ограничувачки уверувања и незавршени работи, за кои мислев дека ги немам, или дека се разрешени, а влијаеа на моето секојдневно функционирање и квалитетот на живеење. Се јавија предизвици во работата на себе, односно во континуираниот раст и развој преку освестувањето на несвесното и соочувањето со себе на подлабоко ниво, односно со потиснати аспекти од мојата личност како важен дел од целината со своја функција во одреден период.Предизвик ми беше и усвојувањето на нов гешталтистички јазик, интеграцијата и примената на новите знаења, односно обемноста и достапноста на нови знаења и литература, и можностите и времето кои ги имам наспроти желбите и потребите, и потрагата по баланс кој функционира во реалноста.
✍️Жаклина Ангелеска Костадиновски
Гешталт терапевт под супервизија
 075 336 540
#гешталтмк #гешталтедукација