03/06/2026
Редок и животозагрозувачки неврохируршки случај успешно третиран во Клиника Жан Митрев ❤🍀
Во Клиника Жан Митрев успешно беа извршени две комплексни неврохируршки интервенции кај 57-годишна пациентка која беше примена во критична состојба поради редок метастатски тумор лоциран во четвртата мозочна комора на мозокот.
🧠Поради позицијата на туморот, кај пациентката се развила состојба која го попречувала нормалното движење на мозочната течност и предизвикувала опасно зголемување на притисокот во мозокот.
Благодарение на брзата дијагностика и внимателно планираниот хируршки пристап, неврохируршкиот тим најпрво ја воспостави нормалната циркулација на течноста, а потоа успешно ја отстрани туморската промена.
Оперативниот третман беше изведен од неврохируршкиот тим на Клиника Жан Митрев предводен од консултант Асс. д-р Благој Шунтов, со асистенција на д-р Михаил Таушанов и во координација со мултидисциплинарен тим специјалисти.
„Предизвикот кај овој случај не беше само ретката локализација на метастазата, туку и критичната невролошка состојба во која пациентката беше примена и потребата за етапен хируршки пристап“, истакна Асс. д-р Благој Шунтов.
Тој додава дека: „Кај ваквите пациенти, особено кога постои обструктивен хидроцефалус и компресија на мозочното стебло, брзата дијагностика, правилното временско планирање и мултидисциплинарниот пристап се клучни за исходот.“
По двете интервенции, пациентката покажува значително подобрување на општата и невролошката состојба, со повлекување на симптомите и успешно воспоставување на нормална циркулација на мозочната течност.
Иако мозочните метастази се релативно честа компликација кај одредени видови карциноми, нивната појава во четвртата мозочна комора е исклучително ретка, што го прави овој случај особено специфичен и предизвикувачки за третман.
На пациентката ѝ посакуваме успешно закрепнување и понатамошен успешен третман. 🍀❤